19 загинати во оружена пресметка близу Газа 31.05.2010 16:18 Најмалку
19 цивили, според израелските медиуми - 10 според израелската влада, се
убиени во крвавата операција на израелската воена морнарица против
конвојот бродови, со околу 10 илјади тони меѓународна хуманитарна помош
за палестинското население во Газа. Израелските командоси,
извршиле десант на 7-те бродови во конвојот, во меѓународните води, 60
-тина километри од израелскиот брег во Средоземното море.Два
брода од конвојот, со храна и пијалаци биле потопени. Израелската
армија тврди дека војниците возвратиле на нападите на активистите, кои
пружиле отпор користејќи стапови и метални шипки. Најголем број
од убиените се турски државјани, бидејќи еден од главните организатори
на помошта за Палестинците е турска хуманитарна организација.Меѓу 650-те мировни активисти кои ја придружувале помошта за Палестинците имало и најмалку 3 македонски државјани.Нивната
судбина засега е непозната. Турските медиуми јавуваат дека масакрот на
хуманитарните работници од страна на израелската армија го кренал на
нозе турскиот државно воен врв. Премиерот Таип Реџеп Ердоган
веднаш ја прекина посетата на Чиле, во земјата итно се вратија и
министерот за одбрана и началникот на генералштабот, кои беа во
Македонија и во Египет. Израелската акција може да има
непоправливи последици изјави премиерот Ердоган. По одлуката на Турција
веднаш да го повлече својот амбасадорот од Тел Авив на ист чекор се
решија и Шпанија, Шведска и Грција. Турција побара итна седница на
советот за безбедност на Обединетите Нации, а Европската Унија побара
итна истрага за неприфатливото кршење на меѓународното право од страна
на израелската армија.Владата на израелскиот премиер Бенџамин
Нетањаху тврди дека не се знае кој ја издал наредбата на нападот врз
хуманитарниот конвој, но веќе три години израелската армија го држи во
речиси херметичка блокада појасот Газа, поради тоа што таму на власт е
радикалното палестинско движење Хамас.